Шанса за втора победа на гостински терен во сезоната

310

Екипата на Академија Пандев денеска го игра натпреварот од 13. коло во Првата македонска фудбалска лига, а противник ќе ни биде екипата на Ренова.

Нашиот тим денеска гостува во Тетово, каде против популарните „Гипсари“ ќе ја брка втората победа на гостински терен во сезоната.

По победата над лидерот и градски ривал на денешниот наш противник Шкендија, апетитите во нашиот табор се зголемени, па против Ренова, која патем веќе ја победивме на домашен терен сезонава со минимални 1:0 ќе се обидеме да дојдеме до вториот триумф надвор од Струмица, но и нерешен исход би бил поволен резултат за нас.

На првиот натпревар кој се одигра во Струмица, Ренова се покажа како тврд противник, а победата ја донесе Зоран Балдовалиев со гол од пенал во 61. минута.

Ренова е во добра форма на домашен терен, каде на последните шест натпревари нема пораз, односно има четири победи и две ремија, а на последниот натпревар го демолираа Скопје со 5:1.

Натпреварот помеѓу Ренова и Академија Пандев се игра денеска (сабота) со почеток од 13:30 часот.