Француски портал направи репортажа за Академија Пандев

2969

Специјализираниот француски портал за фудбалот во Источна Европа footballski.fr направи репортажа за нашиот клуб Академија Пандев.

Новинари на порталот беа наши гости во август, непосредно по дебитанскиот натпревар во Првата лига против Шкупи во Скопје и сега го објавија она што го видоа во Струмица. Нивната репортажа е една од најубавите презентации во светот за она што го работи Академија Пандев.

„Еден од хероите на Струмица и оној што нам ни предизвик интерес е Горан Пандев на чија иницијатива е формирана Академијата. Освојувач на Лигата на шампионите во 2010 година, но никогаш не го заборави градот каде што порасна. Тоа најдобро се гледа по формирањето на клубот, токму на местото каде фудбалски созреа. Горан го прави тоа со голема љубов и со желба да им помогне на младите надеж во Македонија да го остварат својот сон, исто како што тој самиот го оствари. Академијата почна со 70 деца, најмногу од струмичкиот регион за сега да брои над 300 од цела Македонија.

Клубот прави модерен тренинг центар во вредност од околу пет милиони евра и се очекува тој да биде готов идното лето. Во негов состав има 45 соби, бања, хотел, ресторан, соба за третмани и најсовремени медицински апарати за прегледи на спортистите. Четири генерации фудбалери играат на национално (од У15 до У18), две на регионално (У13 и У14) и две на локално ниво (У12 и У6) менаџирани и едуцирани од тренери со УЕФА лиценци.

Натпреварот кој ние го следевме против Шкупи беше официјално деби на Академија Пандев во Првата лига на Македонија“, се вели, меѓу другото, во репортажата.

Најголем интерес на француските новинари им предизвика начинот на кој се финансира Академија Пандев.

„Постојано се прашувавме како Академија Пандев планира да биде профитабилен клуб без спонзор и без помош од локалната или централната власт. Нашиот соговорник ни кажа една работа – се се финансира од трансферите на фудбалерите. Горан Пандев има голема мрежа низ Италија и голем број фудбалери веќе направија трансфери. На пример, во периодот кога ние бевме таму, левото крило Трапановски замина во Славија Прага за 100 илјади евра. Имаше уште неколку и тоа во период кога клубот уште немаше играно во македонската фудбалска елита. Можеме само да замислиме што ќе се случува во иднина со оглед на резултатите во дебитантската сезона во Првата лига“, пишува понатаму.

Целата репортажа за Академија Пандев може да се прочита на следниот ЛИНК.