ФК Академија Пандев утре го крева шампионскиот пехар

7965

Утрешниот ден ќе биде мошне важен за струмичкиот фудбал.

Клубот од овој град Академија Пандев официјално ќе биде промовиран во прволигаш и ќе го добие пехарот наменет за најдобриот тим во Втората македонска фудбалска лига. Свеченоста ќе се одржи за време на натпреварот од последното коло против Скопје кој, исто како и Академија Пандев, од идната сезона ќе настапува во македонската фудбалска елита.

За овој натпревар е повикан и еден од најголемите таленти од младинската школа на Академија Пандев, Јани Атанасов кој на 17 години ќе дебитира во првиот тим. Освен тоа, својата играчка кариера ќе ја заврши поранешниот македонски репрезентативец Драган Начевски кој, сепак, ќе остане во клубот да работи со младите категории. Тој е еден од најзаслужните за пласманот на Академија Пандев во ПМФЛ и достојно ќе биде испратен во играчка пензија.

За супериорноста на Академија Пандев оваа сезона, најдобро зборува фактот што во пресрет на последното коло има 12 бода предност во однос на второпласираниот Скопје. Од почетокот до крајот на сезоната струмичкиот тим беше на чело на табелата во Втората лига и сосема заслужено го освои првото место со 68 постигнати и 23 примени голови.

Натпреварот меѓу Академија Пандев и Скопје се игра утре од 16:30 часот.