Тренчовски: Подготовките во Банско течат одлично

3501

Помалку од еден месец го дели тимот на Академија Пандев од дебито во Првата македонска фудбалска лига.

Раководството на клубот ги презема сите мерки за што подобро претставување во елитната конкуренција. Ништо не е оставено на случајот, екипата во моментов се наоѓа на подготовки во Банско, а наскоро ќе се знае составот со кој екипата ќе игра во ПМФЛ.

За она што се случува во Академија Пандев во моментов, зборува со спортскиот директор и координатор на младинските категории во клубот Југослав Тренчовски.

Тимот се наоѓа на подготовки во Банско. Какви се плановите пред почетокот на новата сезона?

trenco

ТРЕНЧОВСКИ: Со подготовки почнавме на 28 јуни, од 9 јули сме во Банско и тука остануваме 14 дена. Подготовките течат во најдобар ред, имаме прекрасни услови, температурата е одлична, многу пониска отколку во Македонија и тоа е се што би можеле да посакаме во моментов.

Во план е одигрување неколку контролни натпревари. Почнуваме веќе утре против бугарскиот тим Царско село, на 18 јули играме со Победа, на 19 јули со шампионот на Туркменистан, а на 22 јули со Неа Саламина од Кипар со што ќе ги завршиме подготовките во Банско. Потоа имаме закажан натпревар со Ренова во Струмица и се надевам дека до почетокот на сезоната, 13 август, ќе бидеме сосема подготвени.

A75_0398

Што се случува околу играчкиот кадар, има ли засилувања или планови за такво нешто?

ТРЕНЧОВСКИ: Има неколку играчи на проба, некои беа тука, па си заминаа, а во моментов имаме двајца играчи од Белгија: Бензузи Родан и Еди Дафе. Исто така, тука е Милован Петровиќ на стоперската позиција. Постигнавме договор со голманот Никола Вујанац и Константин Чешмеџиев кој е дефанзивец, но може да игра и како последен играч за врска.

Би можел да кажам дека Петровиќ е пред договор бидејќи се покажа како одлично решение и мислам дека со него би го комплетирале тимот за новата сезона.

A75_1081

Како координатор на младинската школа, какви се плановите и активностите во тој дел?

ТРЕНЧОВСКИ: Во следниот период уште позасилено и сконцентрирано ќе работиме во младинскиот сектор бидејќи во првиот тим имаме веќе 12-13 фудбалери кои минале меѓу три и шест сезони во академијата.

Ни претстои турнир во Прага на кој ќе учествуваат фудбалери родени 1999 и 2000, потоа следува Скопје куп, па два турнири во Банско за генерациите 2004 и 2005. Меѓутоа, многу посериозно ќе се насочиме на работата со младите категории со рефреширање на програмата за работа на која ќе ставиме посебен акцент и се надевам дека ќе продолжиме со производство на млади фудбалери и школата ќе продолжи да биде сервис на првиот тим.