Се вративме на победите – По голеада во Битола е совладан Пелистер

1518

Нашиот тим во рамки од 15. коло во Првата Македонска Фудбалска Лига (ПМФЛ) го совлада тимот на Пелистер во Битола со резултат од 3-4 (1-2). Со ова ја прекинавме низата од два последователни порази.

Мечот под  „Тумбе Кафе“ не тргна добро за Академија Пандев, откако домашната екипа поведе преку Трифуновски во 6. минута. Сепак до крајот на првиот дел нашите момци се издигнаа и направија комплетен пресврт.

На 1-1 во 18. минута израмни Вареловски, а во 34. минута за комплетен пресврт се погрижи Балдовалиев кој стрелаше за 1-2, резултат со кој се замина на пауза од полувремето.

Како и првото, така започна и второто полувреме, но сега со гол за „пандевци“. Балдовалиев со својот втор денешен гол стрелаше за 1-3 во 47. минута. А пет минути подоцна беше и 1-4 за нашиот тим откако погоди и Стоилов.

До крајот на мечот Пелистер постигна два погодоци, преку Попзлатанов во 56. минута и Ковачев кој реализираше пенал во 82, но не ја загрози нашата победа на крај со конечен резултат од 3-4.

Академија Пандев и во првиот меѓусебен натпревар го совлада Пелистер, тогаш во Струмица со резултат од 2-0. Во следното коло, нашиот тим в понеделник го очекува Работнички.