Сашко Пандев: Одиме чекор по чекор, прва цел е опстанокот, па потоа се останато

1305

Академија Пандев не само што е освежување за македонскиот фудбал, туку е и најголемо изненадување во Првата лига.

По некомплетното седмо коло, нашиот тим се наоѓа на второто место на табелата, веднаш зад Шкендија што е над сите очекувања од пред почетокот на сезоната. Дека не се работи за случајност најдобро зборуваат победите во последните две кола кога беа совладани Пелистер и Работнички – две екипи кои летово ја претставуваа Македонија на европска сцена.

pandev jani

И покрај големите успеси и четирите победи во овие седум кола, фудбалерите на Панче Стојанов не “летаат во облаци”. Доказ за тоа се зборовите на капитенот Сашко Пандев по победата над Работнички во неделата.

„Одигравме еден тврд натпревар, Работнички има одлична екипа и можеби заслужи подобар резултат на овој дуел. Пред се, затоа што го диктираше темпото во првите 15 минути, имаше пенал кој домашните фудбалери не го искористија, потоа постигна гол, а создаде и неколку шанси и можеби требаше да водат со два-три разлика. Токму тоа е она на што ние треба да поработиме во следниот период. Не смееме да влегуваме деконцентрирани во натпреварите, особено со екипи од самиот врв на македонскиот фудбал.

Но, затоа, откако помина нивниот притисок, ние ја презедовме контролата над играта, доминиравме на теренот и постигнавме два гола кои ни беа доволни за победа”, вели капитенот.

tim

Она што е интересно од неделниот натпревар против Работнички е што Академија Пандев имаше негатива, а сепак дојде до победата. Со оглед на тоа што најголем дел од фудбалерите во составот се млади и релативно неискусни, а тимот е дебитант во елитата, тоа е голем успех.

„Точно е дека како клуб сме дебитанти во прволигашка конкуренција, но имаме и искусни фудбалери. Јас сум тука, потоа Балдовалиев, Стоилов, Ганчев и неколку играчи кои со Турново играа Прва лига неколку години. Тие не се веќе млади, влегуваат во добра натпреварувачка форма и имаат што да кажат.

Но, она што е најважно е самодовербата која ја краси екипата на Академија Пандев. Веруваме во себе, не паѓаме и кога ќе примиме гол и се надевам дека ќе продолжиме така”, продолжува Пандев.

Првите седум кола поминаа во знакот на Академија Пандев. Надминати се сите очекувања, но ништо не е сменето во размислувањата од пред почетокот на сезоната.

sasko pandev

„И ние не очекувавме ваков пласман и вакви резултати. И на подготовките велев дека не треба да се залетуваме иако сите не прашуваа за пласман во европски купови, за место во горниот дел на табелата итн. Ние тргнавме скромно, одиме натпревар по натпревар, ако се укаже шанса ќе ја искористиме, но главната цел останува – опстанок во прволигашка конкуренција”, заврши еден од најискусните во нашиот тим.

Следен противник на Академија Пандев требаше да биде Вардар, но пради учеството на “црвено-црните” во Лигата Европа, тој натпревар е одложен. Претстои гостувањето кај Силекс в сабота од 15 часот.