ОГРОМНА ЧЕСТ: Академија Пандев ВИП гостин на најмасовниот турнир за млади категории во светот

1001

Одличната работа во Академија Пандев од ден на ден добива се повеќе признанија во Европа и светот. Едно од нив дојде од Шведска.

На адреса на нашиот клуб пристигна специјална покана за учество на најмасовниот турнир за млади категории во светот ГОТИА Куп кој се одржува во Гетеборг. Минатата година на него учествувале 1.763 екипи од 82 држави од целиот свет, биле одиграни 4.349 натпревари и постигнати 19.081 голови. Се натпреваруваат момчиња и девојчиња на возраст од 11 до 18 години во седум возрасни категории.

gotia2

Годинава турнирот ќе се одржи од 15 до 21 јули, а Академија Пандев ќе се натпреварува во ВИП делот со генерацијата фудбалери родени 2001 година и помлади. Во овој дел од турнирот учествуваат 24 екипи од кои 12 од шведската Премиер лига и другите 12 од земји од целиот свет. За илустрација, лани во овој дел од турнирот играле тимови како Евертон, Њукасл, Црвена Звезда, Сантос Лагуна, Бешикташ, а победил тимот на Рајт то дрим од Гана. Финалниот натпревар се игра на стадионот Гамла Улеви кој е со капацитет од над 18 илјади места.

gotia3

Турнирот ГОТИА Куп има огромна традиција, постои од 1975 година и на него, меѓу другите, играле фудбалери како Алан Ширер, Чаби Алонсо, Андреа Пирло, Златан Ибрахимовиќ, Жулио Баптиста, Зе Роберто, Емануел Адебајор итн. Токму поради тоа, огромна е честа Академија Пандев да биде првиот македонски клуб во историјата кој ќе настапи на него и сето тоа поради огромните вложувања на нашата фудбалска легенда Горан Пандев и фантастичната работа на координаторот Југослав Тренчевски и неговите помошници.

Бидејќи е поканет во ВИП делот, сите трошоци за Академија Пандев се покриени од организаторот.