Драган Начевски: Најважно е Академија Пандев да стане стабилен прволигаш

4236

Поранешниот македонски репрезентативец Драган Начевски пред два месеци ја заврши професионалната играчка кариера како член на Академија Пандев, а раководството на клубот веднаш му даде шанса во стручниот штаб на првиот тим.

Претстојната сезона тој ќе му биде помошник на тренерот Панче Стојанов, а паралелно со тоа ќе работи и во младинската школа како тренер на пионерските категории. По две децении на фудбалските терени како професионалец и со 14 натпревари во сениорската репрезентација на Македонија, Начевски почнува тренерска кариера, а Академија Пандев не можеше да направи подобар избор.

gric

По толку години како играч, како се чувствувате сега на друга позиција и какви се искуствата со работата во Академија Пандев?

НАЧЕВСКИ: Кога пред три години дојдов во Академија Пандев како играч, воопшто не ни помислив дека ќе добијам понуда да станам помошен тренер. Тоа е голема привилегија за мене и сакам да изразам благодарност до раководството на клубот. Се надевам дека на помладите фудбалери ќе им го пренесам моето долгогодишно искуство. Предност е тоа што до пред неколку месеци играв со нив во иста екипа, помладите добро ги познавам, имам добра соработка со нив и мислам дека ќе бидам од помош во тимот.

A75_0183-696x464

Најтешкиот дел е спојот меѓу младоста и искуството, а вие ја имате улогата да ја поврзете екипата. Како успевате во тоа?

НАЧЕВСКИ: Целта на Академија Пандев е да форсира млади фудбалери, тоа е поентата на академијата, но секако дека без поискусните, помладите не би можеле да одат напред, не би имале од кого да учат и да напредуваат во своите кариери.

Освен во првиот тим, ќе работите и во младинската школа. За која генерација станува збор и кои се плановите во тој дел од работата?

НАЧЕВСКИ: Ми беше доверена улога да работам со помладите фудбалери во академијата, генерациите 2007 и 2008 година. Тоа се деца кои почнале да се занимаваат со фудбал пред година-две. Сигурно е дека е потребно многу трпение со нив, многу разбирање, јас се однесувам како родител и се обидувам да им го пренесам моето долгогодишно искуство затоа што тие треба да бидат столбот на Академија Пандев.

pandev

Какви се амбициите на Академија Пандев во дебитантската сезона во Првата македонска фудбалска лига?

НАЧЕВСКИ: Во првата сезона во Првата лига никој не треба да има големи очекувања. Најважно е ние да станеме еден стабилен прволигаш, да одиме чекор по чекор и секоја сезона да одиме се погоре. Ги имаме сите услови да станеме сериозен клуб во елитата, а по неколку години можеме да почнеме да размислуваме за местата кои водат во европските купови.