Втората младост на Зоран Балдовалиев!

3346

Велат: формата е минлива, класата е вечна. Најдобар доказ за тоа е Зоран Балдовалиев кој е вистинско богатство за Академија Пандев и ја живее својата втора фудбалска младост.

Со 34 години, поранешниот македонски репрезентативец е трет стрелец во домашното фудбалско првенство бидејќи во досегашните 14 натпревари постигна седум гола. Најдобро неговата моќ ја почувствува Пелистер на кого на двата натпревари Зоки им даде три гола, еден во Струмица и два во Битола. Уште два му даде на Шкупи и по еден на Шкендија и Ренова.

Кога тој погодува, Академија Пандев задолжително победува. Така беше на сите пет натпревари на кои тој се запиша во листата на стрелците. И сите седум гола беа важни затоа што на три од нив нашиот тим оствари минимални победи, а против Пелистер и Шкупи славевме со 2-0. Против Шкупи ги даде двата гола, а со Пелистер погоди за 2-0 со што го постави конечниот резултат.

Три од седумте гола постигна од пенал со што само потврди за каков рутинер се работи. Поефикасни од него во македонското првенство се само фудбалерите на Шкендија, Ферхан Хасани (11 гола) и Бесарт Ибраими (10), а ист број имаат Фелипе од Вардар и Жофри Чинеду од Работнички.

Покрај првенството, нашиот најискусен фудбалер е исклучително ефикасен и во Купот на Македонија. На Силекс во Струмица му даде хет-трик, а погоди и против Тетекс во првиот четвртфинален натпревар кога Академија Пандев победи со 2-0.