Без четворица стандардни фудбалери против Вардар, но не се откажуваме

1905

Академија Пандев денеска става крај на најуспешната година во своето постоење.

Последен противник ни е актуелниот шампион Вардар со кого игравме пред две недели и загубивме на домашен терен со 0-2. Денешниот натпревар е заостанат од 17. коло на Првата македонска фудбалска лига, а беше презакажан поради настапите на Вардар во Лигата Европа.

Како и на неколку претходни натпревари во домашното првенство, и денеска Академија Пандев ќе настапи десеткувана поради неиграњето на неколку стандардни првотимци. На “Филип Втори” нема да играат Дориев, Пандев, Вареловски и Истатов, сите поради повреди.

Сепак, не сакаме да бараме алиби и ќе се обидеме и со скратен ростер да дојдеме до добар резултат. Самото тоа што играме против актуелниот шампион на неговиот стадион за нас претставува огромно задоволство и императив да се прикажеме во што подобро светло. Сезонава веќе еднаш игравме на нашиот најголем стадион и остваривме победа против Работнички, па зашто да не изненадиме повторно…

Без разлика како ќе заврши денешниот натпревар, 2017 година ќе остане запишана со златни букви во историјата на Академија Пандев. Првпат во нашето кратко постоење обезбедивме пласман во Првата лига, успешно се натпреваруваме во неа, имаме шанса за настап во европските купови, а ќе играме и во полуфиналето од Купот на Македонија што, исто така, е историски успех.