Балкански и европски гиганти доаѓаат во Струмица на првиот „Пандев куп“

5534

Академија Пандев во новата 2018 година ќе организира еден од најспектакуларните турнири за младински категории на овие простори.

Турнирот ќе го носи името “Пандев куп” и во 2018 година ќе го има своето прво издание за во иднина да прерасне во традиционален.

zvezda

Првиот дел од турнирот ќе се одржи во периодот од 1 до 4 март и на него ќе учествуваат фудбалери родени од 2006 до 2010 година. Вториот дел е планиран за крајот на јули и почетокот на август. Прво, од 30 јули до 4 август ќе се натпреваруваат екипи чии фудбалери се родени во 2002 и 2003 година, а од 6 до 11 август играчи родени во 2004 и 2005 година.

Претставници на Академија Пандев изминатиот викенд во Белград ги финализираа преговорите со Црвена Звезда и ОФК Београд кои го потврдија учеството на “Пандев куп 2018”. Освен нив, за турнирот во Струмица досега се сигурни уште: Партизан, Осијек, Буба Мара, Реал Ниш, Сесвете Загреб, Престиж од Врање, Вихрен, Пирин, Параќин, ПАОК, Лудогорец, ЦСКА Софија и многу други. Клубот е во преговори и со италијанските гиганти Интер и Џенова.

ofk

Освен набројаните, на турнирот ќе учествуваат сите македонски клубови. Присуството не го потврдил само уште Вардар, но се очекува и “црвено-црните” да го направат тоа во следниот период.

Сите натпревари од турнирот ќе се играат во Струмица и околината и тоа на четири терени: нашиот, на кој тренира Академија Пандев, вештачкото игралиште, стадионот Кукуш во Турново и Градскиот стадион “Младост” на кој се закажани финалните натпревари.

Вкупно, на “Пандев куп” е планирано да учествуваат 144 екипи, односно над 2.800 деца со што тој ќе биде еден од најмасовните на овие простори.