Академија Пандев перфектна во Струмица: Победа над Ренова за скок на третата позиција на табелата

2387

Нашиот клуб денеска дојде до втората победа во Првата македонска фудбалска лига, откако на домашен терен го совладавме тимот на Ренова со 1:0.

Со минималната победа, Академија Пандев дојде до третата позиција на табелата со вкупн освоени седум бода, зад првопласираната Шкеднија и второпласираниот Пелистер.

Играчите покажаа дека брзо го заборавија поразот од Шкендија во минатото коло, а Академија Пандев покажа дека во Струмица гостите тешко ќе доаѓаат до победи, со оглед на тоа дека имаме две победи во низа на домашен терен.

Во првото полувреме немаше поголеми шанси на теренот. Првата шанса ја имаа гостите преку Нафиу во 32 минута, а ние пропуштивме сериозна можност да поведеме преку Стоилов, но неговиот удар мина покрај голот на гостинскиот голман.

Стрелец на победничкиот погодок беше Зоран Балдовалиев во 61. минута од пенал, откако Велија претходно играше со рака во сопствениот шестнаесетник.

Во продолжението гостите од Тетово се обидоа да дојдат до израмнување, но нашите фудбалери одиграа максимално сконцентрирано и навремено ги одбија сите налети на фудбалерите на Ренова, за второ славје во сезоната и нови три бода.

На останатите натпревари од 4. коло во ПМФЛ, Пелистер и Скопје ремизираа со 0:0, Шкендија се спасуваше од пораз на домашен терен од Победа (3:3), додека Шкупи го совлада Работнички со 2:1.