Академија Пандев на одмор до 3 јануари, главниот дел од подготовките во Анталија

1448

Со одигрувањето на заостанатиот натпревар против Вардар, почна зимскиот одмор за фудбалерите на Академија Пандев.

Есенската полусезона помина одлично, дури и над очекувањата, па логично е амбициите за продолжението да бидат уште повисоки. Во договор со фудбалерите, стручниот штаб на чело со тренерот Панче Стојанов го одреди планот за подготовки за пролетниот дел.

Фудбалерите ќе бидат на одмор до 3 јануари, но тоа се однесува само на заедничките тренинзи. Дотогаш сите добија план и програма за индивидуална работа што значи дека работно ќе го поминат празничниот период. На 3 јануари ќе се одржи прозивката и лекарските прегледи, а потоа до 19 јануари ќе се работи во Струмица.

Главниот дел од подготовките ќе помине во Анталија каде екипата ќе отпатува на 20 јануари и ќе остане до 4 февруари. Планот е таму да се одиграат седум натпревари, а пет од нив се веќе закажани. Противници се: Младост Лучани од Србија, Енисеј од Русија, Сумкајит од Азербејџан, Приштина од Косово и Ниреѓихаза од Унгарија. Другите два противника дополнително ќе бидат договорени.

По враќањето подготовките ќе продолжат во Струмица до првото пролетно коло на 14 февруари кога гостуваме на Шкупи.